Како општествено одговорна компанија, по повод Светскиот ден на лебот – 16 октомври, со голема радост ја спроведовме хуманитарната акција „Подарено од срце“, во соработка со Црвениот крст на Македонија преку која дониравме 8000 лебa наменети за најранливите категории граѓани низ целата држава.

Во текот на една недела, преку нашата широка дистрибутивна мрежа, испорачавме по 500 леба во 15 општини низ земјата, со цел поддршката да стигне до што поголем број семејства и поединци на кои помошта им е најпотребна.

Ние во Жито Лукс веруваме дека лебот не е само основна животна намирница, туку вистински симбол на споделување, човечност и заедништво. Тој е присутен на секоја трпеза и го поврзува секој дом – затоа што претставува топлина, грижа и љубов што секојдневно се делат со блиските.

Преку оваа акција сакавме да дадеме конкретен придонес во борбата против гладта, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба да делуваме со срце, одговорно и човечно. Нашата цел е да потсетиме дека секој мал гест на добрина може да направи голема разлика во нечиј живот. Оваа мисија е дел од нашата континуирана посветеност да бидеме партнер кој ќе создаде подобро секојдневие за сите.