Најпрво подгответе го филот. Во тенџере на оган ставете го млекото и кога ќе зоврие, ставете ги разредените пудинзи заедно со шеќерот. Кога пудингот ќе биде готов, додадете го путерот и промешајте додека не се растопи. Покријте го сварениот пудинг со хартија за свежа храна и оставете комплетно да се излади. Кога филот ќе биде комплетно изладен, изматете го со миксер и додадете изматена слатка павлака или изматена шлаг-пена. Во тенџере на оган загрејте ги путерот и водата. Кога смесата ќе зоврие, додадете го брашното и мешајте додека не добиете сварено тесто и не се оформи во топка. Тргнете настрана и кршете ги јајцата едно по едно, убаво промешувајќи помеѓу секое додавање. Кога ќе добиете смеса за принцес-крофни префрлете ја во готварски шприц и оформете ги во тавче обложено со хартија за печење. Пред печење, одозгора наросете ги со шеќер во прав и печете ги во загреана рерна на 220 степени, 5 минути. Потоа намалете ја температурата на 200 степени околу 15 минути, па на 180 степени околу 5 минути. Оставете комплетно да се изладат, пресечете ги до половина и филувајте ги крофните со филот. Потопете ја целата крофна во чоколадната глазура претходно подготвена на пареа.