Горди сме, што и покрај сите предизвици оваа година, ќе спроведеме процес на модернизација на производството што подразбира целосна дигитализација и автоматизација на системот на дистрибуција на брашно во нашата фабрика за леб. Техничкиот систем што ќе се имплементира е еден од најмодерните системи достапни деновиве на пазарот во ЕУ. Ова ќе овозможи безбедно и одржливо продолжување на деловните активности на компанијата што би значело зголемена ефикасност и флексибилност во производството на различните  видови леб.

Во изминатите 10 години компанијата имаше неколку позначајни инвестиции. Имено, вложивме во нова линија за производство со што го зголемивме  степенот на автоматизација на процесот на производство на тост и двопек и во исто време го зголемивме производствениот капацитетот на овие две групи производи. Дополнително, како позначајна инвестиција во опрема ја  издвојуваме  инвестицијата во линијата за пастеризација на лебовите, а придобивките од истата се следни: задоволување на потребите за зголеменото производство на пастеризирани лебови, зголемен рок на производите без употреба на конзерванси, стабилен и контролиран квалитет.

Целта на компанијата е да се развива и понатаму, воведувајќи нови производи, задоволувајќи ги потребите на потрошувачите, а меѓудругото и да се помогне онаму каде што е неопходно. Имено, во време на кризата со КОВИД еден од приоритетите е да помогнеме  на социјално загрозените групи граѓани. Во рамките на општествена одговорност остваривме  донации на производи на неколку здруженија, институции и организации за помош и поддршка на најранливите категории.

Во овој период од исклучително значење е и посветеноста на вработените во Жито Лукс кои покажаа подготвеност да одговорат на сите предизвици. Токму поради нивната посветеност компанијата покажа дека и во вонредни околности квалитетот и потрошувачот останаа приоритет.