Донација на Жито Лукс во болницата св. Еразмо во Oхрид

ZL_Sv Erazmo v8Шеесет годишната историја на специјалната болница за ортопедија и трауматологија, „Св. Еразмо“ во Охрид, се одликува со многу специфични посебности, но и со мала поддршка од општеството, иако болницата е од огромно значење за регионот. Болницата е формирана на 19.7.1950 година, како „Болница за лекување коскено-зглобна туберкулоза“. Низ повеќегодишниот стручен, кадровски и економски развој, во болницата, покрај лекувањето на коскено-зглобната туберкулоза, се создаваат услови успешно да се лекуваат и цела низа други ортопедски заболувања, да се имплементираат нови методи на лекување на акутната траума и последиците на траумата на локомоторниот систем. Во 1988 г. болницата прерасна во Институт за ортопедија и трауматологија, а во 1995 г. прерасна во Специјална болница за ортопедија и трауматологија, единствена од ваков тип во државата. Жито Лукс АД Скопје за оваа, по многу нешта единствена институција, посвети месец на донација за детскиот оддел на болницата. Месецот на донација започна на 26 јули, а заврши на 31 август оваа година.

Со секој купен леб или брашно на Жито Лукс АД Скопје се донираа средства токму за опремување на детскиот ортопедско трауматолошки оддел во „Св. Еразмо“. „Досега донации имавме само од странство во вид на опрема, ова е првпат една македонска компанија да започне активност наменета за нас како за болница. Станува збор за болница единствена од ваков тип во земјава, каде што се третираат деца заболени од церебрална парализа и од други коскени заболувања. За нив треба да има посебни услови кои се надеваме дека ќе ги постигнеме со помош на оваа донација“, изјави директорот Митко Тилески.