2020

2020 година е година во која со гордост ја претставуваме новата категорија лебови наречени Супер лебови чија главна карактеристика е високата нутритивна вредност. При нивното креирање, користиме таканаречени супер состојки (познати како „superfoods”) како што се: чија, тиква, спелта, овес, хељда и амарант, со што на нашите потрошувачи им нудиме избор од три нови леба - идеален избор за избалансирана и здрава исхрана.
Направени по уникатна и едноставна рецептура Супер лебовите во својата основа содржат исклучиво 100 % целозрнести и минимално процесирани состојки, кои дополнително се збогатени со супер зрна, житарки и маслиново масло со што добивме избалансиран и уникатен вкус. Но освен ова, Супер лебовите како и останатите лебови од нашиот асортиман, немаат конзерванси, вештачки бои и не содржат додадени шеќери и палмина маст.

2019

Ретко кој не ужива во добар и богат сендвич. Токму затоа, за љубителите на креативните оброци и закуски, во 2019 година на пазарот ги воведуваме новите XL лебови на парчиња со што двата најпродавани вкуса добија нова, поголема димензија идеална за подготовка на XL вкусни и свежи сендвичи. XL лебовите на парчиња како и останатите лебови од нашето портфолио, не содржат конзерванси и вештачки бои.

2018

Дел од асортиманот на бисквити во 2018 година доби екстензија и нов идентитет: слатки колачи како дел од новиот атрактивен бренд Just2Good. Just2Good носи нова, свежа енергија во изгледот на пакувањето и комуникацијата со консументите. Во ова портфолио влегуваат: Колачите со чоколадни парчиња, Сендвич-бисквитите со фил и Меките колачиња кои со вкусот и изгледот воопшто не отстапуваат од нивното име: едноставно неверојатно вкусни!

2016

70 години љубов и посветеност за задоволување на желбите на потрошувачите. Веруваме дека зад секој врвен производ стои многу вложен труд. На тој начин ние во Жито Лукс сме сигурни дека сите семејства на својата трпеза го имаат само најдоброто.
2016 г., јубилејно се раѓа нова љубов во семејството на Жито Лукс. Новата категорија производи донесе наплив на слатко задоволство. Овој нов сладок бран на БИСКВИТИ доаѓа во повеќе различни вкусови и форми: petit beurre, чајни бисквити, млечни бисквити, колачи и сендвич- бисквити, за веднаш потоа Жито Лукс да ги лансира и интегралните бисквити направени од цели зрна житарки.

2008

Во 2008 година на пазарот се појавија првите интегрални лебови - Грахам и Баварски. Направени од најквалитетни житарки, со висока хранлива вредност, новите лебови претставуваат идеална основа за вистински специјалитети и избалансирана исхрана. За едноставна и практична секојдневна употреба, тие се исечени на парчиња и спакувани. Долготрајни, а без употреба на конзерванси, тие се вистински избор за сите оние коишто сакаат да пробаат нешто посебно и здраво во секоја пригода.

2007

2007 година е година на промени: најпрво ребрендирање на тост-лебот од Елит во Жито Лукс леб на парчиња во ново и модерно пакување, па воведување нови вкусови леб. Со тоа, фамилијата на Леб на парчиња се збогатува со два нови вкуса, па на двата основни вкуса Пченичен бел и Пченичен со ‘рж, им се приклучуваат новите: Пченичен интегрален и Пченичен со микс од зрна. Но нашата иновативност не застанува тука, така што во годините што следеа Лебовите на парчиња се збогатија со 4 нови вкуса.
Една од предностите на лебовите на парчиња е тоа што се произведени без употреба на конзерванси со што се гарантира нивниот квалитет. Најсовремената технологија со помош на која се произведуваат овие лебови вклучува и процес на пастеризација кој заедно со двојното пакување, овозможува продолжување на свежината и мекоста на лебот на сосема природен начин.

2006

Во 2006 година на македонскиот пазар за првпат се појавуваат лебовите исечени на парчиња во нова, квадратна форма. Тоа се првите тост-лебови кои се лансираат под име Елит, во два вкуса – Бел и ‘Ржан. Дополнително, Жито Лукс е единствената компанија за леб и брашно која во 2006 година воведува нови, современи технологии коишто овозможуваат производство на леб со подолг рок на траење без притоа да се употребат какви било конзерванси.

2001

Во 2001 година се менува сопственичката структура на Жито Лукс, така што стратешки инвеститор станува интернационалната групација на компании Елбиско Холдинг С.А. со сопственост на 53,7 % од акциите на Жито Лукс. Групацијата Елбиско ја прифаќа основната дејност на компанијата со решеност и понатаму да ја развива и модернизира.

1991

Од 1991 година Жито Лукс со Законот за трансформација се регистрира во АД Жито Лукс во мешовита сопственост. Веќе од 1995 година настапува целосната приватизација, односно, почнува да работи како АД Жито Лукс во приватна сопственост.

1986

Во 1986 година доаѓа до интеграција на Жито Лукс и Жито Скопје, Ванила и Глорија во МПИ Жито Македонија - состав кој работи до 1989 година.

1976

Брендот Жито Лукс се раѓа во 1976 година, кога се основа и конституира во РО Жито Лукс – Скопје. Дејноста е производство на леб, бели печива, бурек, како и промет со нив, но и промет со: млечни производи, производи од млеко, сувомесни производи, конзервирано месо и риба со зеленчук, шеќер и производи од шеќер, алкохолни и безалкохолни пијалаци, брашно и кекси.

1970

Во 1970 година Лукс се присоединува кон РО Жито Македонија, а со оглед на тоа што во РО Жито Македонија била споена и мелничарската индустрија, нивната дејност е трговија и производство на брашно, леб, печива и бурек.

1958

Претпријатието Гранап се занимава со производство и продажба на леб и бели печива. Подоцна Гранап се дели на две претпријатија: Жито леб и Клас со иста дејност – производство и продажба на леб и бели печива. Вака работело до 30.04.1958 година, а веќе од 01.05.1958 година од овие две претпријатија е формирано едно ново претпријатие под име Лукс кое се занимава со производство на леб, бели печива и бурек со пласман во сопствените продавници.

1946

Сè започна во далечната 1946 година, кога со Указ на Владата на Народна Република Македонија од постоечките неколку приватни фирми во градот еформирано претпријатието Гранап, односно тоа е точката кога се раѓа денешното акционерско друштво Жито Лукс, Скопје.